Македонска Каменица, 22. Ноември 2024 година – Во пресрет на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ – Македонска Каменица, во кабинетот на градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски беше одржан прием за директорот и организаторите на фестивалот, како и за проф. Георги Гоце Дуртаноски – македонско-холандски калиграф и Д-р Бранислав Светозаревиќ – историчар и архивист, Димитри Кирјаковски – почесен претседател на Заедницата на Македонците во Чешка и Коле Боровски – актуелен претседател на Заедницата и основач на македонското здружение „Македонска мисла“ во Прага и Весна Апостолоска од Туристичкиот сојуз на Македонија, како гости на истиот.

На средбата, имавме можност со пиетет да дискутираме за важноста на Јаков од Камена Река, како прв публицист на кирилица на Балканот. За неговата значајна улога за Македонска Каменица, како и за македонската историја и потребата од поголемо внимание и присутност на нашата македонска култура и традиција во секојдневното живеење, – вели Атанасовски

По завршувањето на приемот, градоначалникот Атанасовски и претставниците од фестивалот, положија цвеќе на споменикот на Миле Јаневски Џингар – нашиот херој кој се жртвуваше за одбраната на Македонија во воениот конфилкт од 2001 година, како почит кон неговата храброст и кон жртвата на сите бранители кои го положија животот за Македонија.

Градоначалникот Атанасовски упати огромна благодарност до Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ за вниманието и за нивниот придонес во афирмирањето на Македонска Каменица како град со огромно значење за историското наследство на Македонија. Заедно, ќе продолжиме да работиме на унапредување и зачувување на посебноста и автентичноста на македонската култура и традиција, – вели Атанасовски на крајот од соопштението


