Вандали дрифтаа на снег и го оштетија помошниот фудбалски терен во Македонска Каменица
Македонска Каменица 15. Јануари 2025 година – Нов вандалски чин во Македонска Каменица, со кој тревната површина на помошниот фудбалски терен во новоизградениот повеќенаменски спортски комплекс е сериозно оштетена од возила.

Според информации добиени од ФК Каменица Саса, која го користи теренот за тренинзи и натпревари на детските и младински категории, вандалскиот чин е извршен со автомобили кои “дрифтале” на теренот за време на неодамнешните снежни врнежи, предизвикувајќи значителни штети.
Ваквите срамни инциденти предизвикуваат остри реакции кај јавноста во Македонска Каменица. Граѓаните постојано изразуваат загриженост за состојбата на јавните добра и урбаната инфраструктурата и секогаш ја истакнуваат потребата од поголема одговорност кон зачувувањето на јавните објекти.

Овој случај дополнително ја истакнува потребата за поставување на системи за надзор, зголемување на свеста кај заедницата за важноста на јавните добра и соодветни казни за сторителите.


