На 26 септември 2025 година, по повод празникот „Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст“, Епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко, со својата придружба, го посети ставропигијалниот храм на Руската Православна Црква во Стразбур, Франција.

Во храмот посветен на сите Светители, Епископот Марко беше срдечно пречекан од старешината, сепреподобниот архимандрит Филип. Со благослов на Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија, г.г. Кирил, архимандритот Филип го покани Епископот да учествува во празничната прослава.
Во навечерието на Крстовден, Епископот Марко началствуваше со празничното бдение и изнесувањето на Чесниот и Животворен Крст. На богослужбата сослужуваа архимандритот Филип и повеќе свештенослужители од Руската, Српската и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Следниот ден, во истиот храм, Епископот Марко служеше Божествена Литургија заедно со свештенослужители од споменатите православни цркви. По читањето на празничното Евангелие, во својата беседа тој се заблагодари на Рускиот Патријарх г.г. Кирил за дадениот благослов, како и на архимандритот Филип за братската покана, истакнувајќи надеж за повторни заеднички сослужувања и духовно единство.
По Светата Литургија, во просториите на ставропигијалниот храм, беше приредена празнична трпеза.

