Историја и развој на црковното пеење во Македонија
Црковното пеење во Македонија има длабоки корени во византиската музичка традиција, која од раните векови на христијанството била главниот израз на богослужбеното единство на православните народи. Од делото на светите Кирил и Методиј, преку големите византиски мајстори како Јован Кукузел, па сè до локалните македонски продолжувачи како Андон Шахпаски и Манасиј Поп Тодоров, византиското пеење било не само литургиска уметност, туку и носител на духовниот идентитет на македонскиот и на другите балкански народи.
Во текот на XIX и XX век, со создавањето на ракописи и зборници, македонските творци и псалти придонеле ова богатство да се зачува и пренесе на следните генерации. Нивната работа претставува врска помеѓу древната византиска уметност и современата богослужбена практика.
Како што вели светиот апостол Павле мислејќи на Бога: „Пејте Му и славословете Му во срцата свои“ (Кол. 3,16). Токму ова срцево славословие се изразувало преку византиското пеење, кое е литургиска молитва, а не обична музика.

Пеењето по Мокрањац:
Со одредени политички и црковни влијанија во времето на југословенскиот период, во Македонија било практикувано во храмовите и училиштата да се пее српско народно пеење според Стефан Стевановиќ Мокрањац, т.е. српската варијанта на четворогласното црковно хорско пеење. На овој начин, живата византиска традиција која со векови опстојувала на овие простори, била потисната и маргинализирана, а на нејзино место дошол туѓ стил кој не ги отсликува ниту македонската духовност, ниту древното православно предание.
Обиди за враќање на византиското пеење:
Во поновиот период постоеле искрени обиди повторно да се врати византиското пеење во образовниот и литургискиот живот. Со голема помош и труд на неколку псалти и педагози, во Македонската Православна Богословија и на Теолошкиот факултет во Скопје се воведоа часови и практика по византиско пеење. Ова претставуваше надеж дека ќе се изгради нова генерација црковни певци кои ќе ја продолжат автентичната византиска традиција на сите балкански народи.
Но, задари одредени недоразбирања со некои великодостојници од нашата Црква, повторно се врати српското пеење по Мокрањац, со што процесот на обнова бил привремено запрен. Овој потег уште еднаш покажа дека навиките можат да бидат препрека за духовниот развој на Црквата.

Современото оживување:
И покрај сите пречки, денес византиското источно пеење повторно доживува своја ренесанса во Македонија. Во повеќе манастири и цркви се организираат групи и часови за источно пеење, каде младите генерации повторно ја откриваат убавината на ова духовно наследство. Со официјален благослов на Архиепископот г.г. Стефан е формирана школа за византиско источно пеење, создавајќи кадри кои сè повеќе се вклучуваат во богослужбениот живот на нашата помесна Црква.
Повикување на единство:
Сега е време конечно и целосно да се врати византиското пеење како еден автентичен израз на православната вера во Македонија. Добро би било, во богослужбената пракса, во сите храмови да се негува источната византиска традиција, која е нашето вистинско духовно наследство. Така Црквата во Македонија ќе биде во склад со својата историја, со православната повеќевековна традиција и со длабоката духовна потреба на верниот народ.

