Осветен новиот храм „Св. вмч. Георгиј“ во село Блатец, Виничко
Во неделата, на 26 октомври 2025 година, во село Блатец, Виничко, беше осветен новоизградениот храм посветен на Светиот великомаченик Георгиј. Чинот на осветувањето и Божествената Архиерејска Литургија ги предводеше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение со свештенослужители од Брегалничката епархија.

Настанот се совпадна со 20-та недела по Педесетница и денот на светите Злата Мегленска и мачениците Карп и Папила. На литургијата присуствуваа бројни верници од селото и околината, кои со молитва и радост го проследија свечениот чин на осветувањето.
По завршувањето на Светата Литургија, Митрополитот г. Иларион одржа пригодна беседа во која ја истакна духовната важност на новоосветениот храм како место на молитва, љубов и заедништво. Како знак на благодарност за вложената посветеност во изградбата на храмот, Митрополитот го одликуваше г. Тодор Голубов од село Блатец со орденот „Св. Николај“.

Во знак на радост и благослов, беше пресечен и празничниот леб, со што свеченоста беше заокружена во духот на христијанската заедништво и благодарност.
Нека е честито и од Бога благословено!

