Нашиот шампион ЖКК Баскет Кам шампионски и рутинирано низ Крива Паланка
Актуелниот шампион блесна во второто полувреме и славеше со 83:70
Женскиот кошаркарски клуб Баскет Кам од Македонска Каменица повторно покажа зошто е шампион на Македонија. Во дербито со екипата на Крива Паланка, кое беше вистинска „реприза“ на ланското финале, каменичанките извојуваа нова, убедлива победа од 83:70, на гостински терен.

Првото полувреме донесе израмнета борба и резултатска неизвесност, при што Баскет Кам замина на пауза со минимална предност (38:35). Но во второто полувреме, избраничките на тренерот ја презедоа целосната контрола врз мечот и со одлична тимска игра, го обезбедија третиот сезонски триумф во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига.
Најзаслужна за новиот успех беше Максимовска, која одигра блескава партија со 25 поени, 10 скока и 3 асистенции, реализирајќи со одлична прецизност од поле (4/5 за три и 5/7 за два поени). Нејзината поддршка дојде од Кметовска со 23 поени и 9 скока, како и од Адамовска, која придонесе со 22 поени, 5 скока и 4 асистенции.
И покрај добрата игра на домашните кошаркарки, предводени од Пул (23 поени) и Ѓорѓиевска (20 поени), Баскет Кам уште еднаш покажа зрелост, квалитет и шампионски карактер.
Со овој триумф, Баскет Кам ја продолжува својата победничка серија и потврдува дека останува најсилниот тим во македонската женска кошарка.

