Гоце Наумов со награда за промоција на македонската археологија и историја на МФ “Јаков од Камена Река” Македонска Каменица
Гоце Наумов докторирал и магистрирал на Филозофскиот факултет во Скопје, кадешто од 2006 година повеќекратно бил ангажиран како стручњак од праксата и демонстратор на Институтот за историја на уметноста и археологија. Од 2017 година е ангажиран како насловен доцент, а потоа и како насловен вонреден професор на Универзитетот „Гоце Делчев“. Од 2015 година е вработен во Н.У. Музеј на Македонија.
Во центарот на неговиот научен интерес е предисториската археологија и особено материјалната култура, архитектурата и обредите во неолитот. Раководител е на истражувњата на предисториските локалитети Врбјанска Чука, Влао, Велушка Тумба, Плоча-Миќов Град, Пенелопа-Охридати и Прекоп-Асамати. Во текот на своите студии и истражувања е вклучен во бројни археолошки ископувања на предисториски локалитети во Македонија, Србија, Словенија, Турција, Албанија, Русија и САД. Ангажиран е во низа кабинетски и теренски истражувања во соработка со Државниот универзитет Њујорк, Универзитетот Стенфорд, Универзитетот во Берн, Германскиот археолошки институт, Полската академија на науките, Музејот „Ермитаж“, Филдовиот музеј во Чикаго, Францускиот национален центар за истражување, Слободниот универзитет во Берлин, Ајнштајновиот центар во Берлин, Универзитетот во Падова, Шпанскиот национален совет за истражување, Универзитетот во Базел, Универитетот во Алкала, Универзитетот на Јужна Бохемија, Словенечката академија на науките и уметностите, Универзитетот при Приморска, Карловиот универзитет, Белградскиот универзитет, Институтот Биосенс и Археолошкиот музеј во Удине. Ангажиран е како дел од стручниот тим за вклучување на Архео-астрономскиот локалитет Кокино во Листата на светското културно наследство при УНЕСКО и бил член на Советот за национално културно наследство на Македонија.
Има одржано предавања и презентации на универзитетите во Кембриџ, Париз (Сорбона 1), Манчестер, Даблин, Осло, Барцелона, Берлин, Рим, Мадрид, Хелсинки, Њујорк, Бафало, Берн, Цирих, Базел, Киел, Санкт Петерсбург, Киев, Прага, Пилсен, Будимпешта, Рива дел Гарда, Џенова, Модена, Алба, Валета, Будвајз, Виена, Вилнус, Истанбул, Сертеја, Љубљана, Копер, Белград, Ниш, Задар, Карловац, Солун, Аминдеон, Благоевград и Софија, а организирал и сесии во рамките на конференциите на Европската асоцијација на археолозите одржани во Италија, Шпанија, Швајцарија и Малта, како и на оние од Теориската археолошка група во САД. Организирал повеќе меѓународни изложби поврзани со предисториската археологија во Чикаго, Њу Јорк, Отава, Удине, Нови Сад, Скопје и др.
За своите истражувања, излагања и публикации е подржуван со грантови од домашни и странски институции и фондации од Европа и Соединетите Американски Држави, вклучувајки ги Министерството за култура, CEEPUS, Wenner Gren, Prehistoric Society, Swiss National Science Foundation, Coimbra Universities Group, Foundation for Study and Preservation of Tells, Einstein Center, JFDP од U.S. Department of State и други. Во 2007 година е добитник на наградата за најдобар студенски труд на собирот на Европската асоцијација на археолозите, а во 2012 е добитник на наградата за најдобар студентски труд за 2011 – 2012 година во рамки на Светскиот археолошки конгрес. Во 2015 ја доби James Dyer Prize и во 2019 Bob Smyth Award, и двете награди од The Prehistoric Society за истражувањето на неолитските тумби во Пелагонија. Во 2018 година ИКОМ му ја додели наградата за најдобар музејски проект за изложбата „Духовите на Африка“
Автор е на монографиите „Patterns and Corporeality: Neolithic Visual Culture from the Republic of Macedonia“ публикувана во Оксфорд, „Неолитски фигурини во Македонија“, „Телесност и отелотворување“, а коавтор е на публикациите „Неолитските заедници во Република Македонија“ (со Љ. Фиданоски, И. Толевски и А. Ивковска) и „Неолитски антропоморфни предмети од Република Македонија“ (со Н. Чаусидис) реализирани во Скопје. Уредник е на повеќе изданија на зборникот „Неолитот во Македонија“ (со Љ. Фиданоски) и на каталози за изложбите „Врбјанска Чука: зрно по зрно, погача“, „Духовите на Африка“, „Африка во Македонија“, „Африкански лица“ и „Првите кралеви на Европа“ (во САД и Канада). Како резултат на неговите истражувања произлегуваат повее од сто труда издадени во рамките на реномирани научни списанија и редактирани книги во Лондон, Оксфорд, Кембриџ, Њу Јорк, Лос Анџелес, Рим, Париз, Удине, Хајделберг, Фрибург, Минхен, Бон, Рахден, Виена, Лидс, Москва, Берн, Аделаид, Варшава, Краков, Киев, Прага, Храдец, Букурешт, Сучеава, Љубљана, Белград, Ниш, Софија, Задар, Скопје, Прилеп и Битола.
Основач и претседател е на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП), а членува во Македонското археолошко друштво (МАД), European Association of Аrchaeologists (EAA) и The Prehistoric Society. Исто така, член е на џез составите Next to Silence и Sethstat и има настапувано низ Европа, Северна Америка и Мала Азија.

