Епископот Марко го произведе Дејан Митевски во чтец-псалт во храмот „Успение на Пресвета Богородица“
Денес, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, беше отслужена воскресна утрена, по што следеа света Божествена литургија и општ маслосвет за верниот народ. Богослужбата ја предводеше неговото преосвештенство епископот делчевско-каменички г. Марко.

Во текот на Литургијата, епископот Марко го произведе Дејан Митевски во чтец-псалт, доверувајќи му ја света и одговорна служба на читање на Апостолот и псалмопеењето во храмот. На новопроизведениот чтец му се посакува да расте во смирение, љубов и послушание, возвишувајќи ја Божјата слава со својот глас.

Во својата беседа, Владиката говореше за денешното евангелско чтение (Лк. 12:16–21), потсетувајќи на поуката од параболата за безумниот богат човек. Истакна дека вистинското богатство не се собира во житници, туку во срцето кое живее со Бог, преку благодарност, милосрдие и духовни дела.
Нека оваа света служба биде на укрепување, исцелување и духовно просветлување за сите присутни.
Слава Му на Бога за сè!

