Денес, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица, неговото преосвештенство епископот делчевско- каменички Марко служеше света Божествена литургија, на радост и духовно укрепување на верниот народ.
Во својата вдахновена беседа, Владиката Марко го објасни денешното евангелско чтение според Лука (13, 10–17), задржувајќи се на чудесното исцеление на згрчената жена во сабота. Тој истакна дека Христос, иако бил укоруван од книжниците и фарисеите поради строгото држење до законот за саботниот ден, ја покажал вистинската суштина на Божјиот закон – љубовта, милоста и слободата на човекот.

Во продолжение, Владиката нагласи дека и ние често живееме „згрчени“ однатре – кога во срцето чуваме гнев, завист и љубомора. Таквата внатрешна згрченост, рече тој, нè оддалечува од Бога и нè прави неспособни да ја примиме Неговата благодат. Ако не ги исцелиме овие страсти преку покајание и прошка, тешко ќе застанеме оправдани пред лицето на Господа.
Со ова евангелие, сите ние сме повикани да Му дозволиме на Христос да нè исправи од нашите духовни слабости – од формалната вера, од гордоста и од срцата затворени за љубов – за да можеме со исправена душа да Го славиме Бога.
Нека молитвите на Пресвета Богородица нè укрепуваат, а Божјата благодат нè води кон духовно исцеление и вистинска слобода во Христос.
Слава Му на Бога за сè!

