Македонска Каменица, 26. Декември 2025 година – Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, учениците и наставниот кадар реализираа едукативна иницијатива посветена на циркуларната мода и заштитата на животната средина, со цел подигнување на еколошката свест во локалната заедница.

Активностите се реализираа во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, а го спроведуваат Центарот за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives „Nadez“ и Здружението на социјални работници на Македонија.
Иницијативата, заедно со учениците, ја спроведе наставничката Марина Василевска Стојановска, во соработка со наставничката Радмила Георгиева, кои во рамки на наставата по ликовно образование работеа на темата „Комуникацијата во циркуларната мода за заштита на нашата локална заедница“.

Активностите беа насочени кон практична примена на еколошките принципи и нивно поврзување со секојдневието во Македонска Каменица.
Во текот на проектот, учениците изработија книга од рециклирани материјали, колажи од отпад, цртежи со еколошка тематика, како и фустан дизајниран од рециклирани материјали.
Дополнително, беа организирани зелени работилници, изработка на еко-боенка и мини модна ревија, преку кои учениците испратија еко-пораки поврзани со проблемот на текстилниот отпад и потребата од поодговорно однесување кон животната средина во локалната средина.

Преку овие активности, учениците се запознаа со процесите на собирање, селекција, повторна употреба и рециклирање на текстилен и друг вид отпад, како и со основите на еко-дизајнот и долготрајната употреба на материјалите. Стекнатите знаења се насочени кон создавање навики кои можат директно да се применат во секојдневниот живот, како и кон поттикнување поширока дискусија за циркуларната економија во локалната заедница.

Организаторите посочуваат дека ваквите активности имаат особено значење за помалите општини, каде едукацијата и вклучувањето на младите се клучни за долгорочна заштита на животната средина. Пораките што ги испратија учениците беа јасни и насочени кон заедницата: „Отпадот не е крај, туку нов почеток“ и „Мал чекор за нас – голема промена за природата“.

