За младиот 16-годишен Стивен Ивановски, кој настрада во катастрофалниот пожар во швајцарска Кран Монтана, во Делчево од каде потекнува повикаа да му се оддаде почит во неговото родно место. Тој е еден од загинатите и идентификувани, иако швајцарските власти досега не излегоа со официјална потврда за загинат македонски државјанин.

Од 40 загинати, досега се идентификувани 24 жртви, главно малолетници кои ја чекале Новата година во пеколот на „Le constellation“. Најмладата жртва е 14-годишно девојче од Швајцарија од каде се најмногу загинати, а како швајцарски државјани е заведен и 31-годишниот Србин, Стефан Ивановиќ кој бил обезбедувач на барот и според написите настрадал додека помагал на жртвите. За сите, без разлика од каде се и колку се стари беше одржана неделна молитва во катедралата во Кран Монтана.
„Соочени со новогодишната трагедија, нема доволно силни зборови за да се изрази страдањето на жртвите, на нивните семејства и на нивните најблиски. Нема доволно силни зборови за да се изрази разочарувањето, болката и гневот на оние чии животи се погодени денеска. И сепак, ние сме тука собрани, затоа што само тишината не е доволна“, рече Жил Кавен, претседател на швајцарскиот црковен Синод.
Тишината беше дел од долгата поворка која од црквата по молитвата тргна на марш кон местото на трагедијата. Истрага е отворена, а со неа се опфатени сопствениците на барот, Жак и Џесика Морети. Двајцата се на слобода додека истрагата за нив се одвива и се откриваат нови детали за самостојното реновирање на објектот во 2015-та, кога Морети го преуредил местото и ги намалил излезните точки за итни случаи, како што беше пожарот.
Младите се заглавиле на тесните скали, а надлежните општински служби не откриваат дали и какви пропусти откриле при противпожарните инспекции извршени во два наврата лани, бидејќи плафонот во барот бил полн со лесно запалив акустичен сунѓер. Местото сега е покриено со чаршафи и полициски ленти и опколено со полициски истражители. Но, таму и натаму се собираат луѓе кои тажат и жалат и бараат правда и вистина за трагедијата.
Пожарникарите и спасувачите добија аплауз за тешкта борба со пожарот и за младите жртви, а многумина од нив не ги криеја солзите. Многумина, пак, уште ги бараат своите блиски пријатели и талкаат по болници, чекајќи информации. Повредени се 119 луѓе, а шест од нив не се идентификувани, бидејќи се најтешко повредени, со лица во завои и интубирани за да може да дишат.
Миомир Серафиновиќ/ Telma.TV

