Возљубени во Богомладенецот Христос, браќа и сестри! Во овие денови, кога го празнуваме раѓањето во тело на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, особена радост ни претставува да ве поздравиме со радосниот поздрав: Христос се роди!
Безгранична е љубовта Божја кон нас луѓето и кон целата створена природа. И затоа што нè љуби, прими наш облик човечки. Се всели во трулежната природа наша, за да ја направи нетрулежна, за да можеме вечно да постоиме заедно со Него! И сетоа тоа ни го дава бесплатно. Потребно е само да ја насочиме нашата волја кон Бога. Да ги отвориме срцата наши за безграничната љубов Негова. Да го воздигнеме нашето битие над слабостите и страстите кои не призврзуваат за материјалното. Ете затоа се трудиме и правиме подвиг преку постот и молитвата. Како што Бог ни се приближи нежно како човек, и ние да се приближиме кон Него преку духовниот и телесниот подвиг што секој од нас го прави.
Драги браќа и сестри, празнувањето на христијанските празници без Литургија ќе се сведат на обична гозба, многу често и прекумерна, недолична за нас Православните Христијани. Затоа ве повикувам сите достојно да ги прославиме празниците што ни претсојат. Особено да избегнуваме народни обичаи што не се во согласност со учењето на нашата Православна вера. Секој обичај да го мериме со критериумот на Евангелието и да се консултираме со свештените лица за да бидеме упатени на правилното празнување. И кога постиме и кога заради радоста на празниците не постиме телесно, да имаме пред вид дека секогаш се наоѓаме во духовен пост, а тоа подразбира во љубовта да се угледаме на нашиот Спасител, којшто заради нас се понизи Себе си. Да внимаваме што ќе зборуваме, да внимаваме како постапуваме со луѓето околу нас, без разлика дали ќе наидеме на внимание од другите. Да го имаме за пример Господ, а не човечките слабости. Ако Бог гледаше на нашите слабости, никогаш немаше да се жртвува заради нас.
Новото лето Господово треба да се прослави, првенствено во храмовите на Литургија, а не со безлични пагански обичаи. Да заедничареме со Господа, преку Телото и Крвта Негови, кое се случува само на Светата Литургија и никаде на друго место. Таа заедница со Бога ни нуди живот вечен, додека паганските обичаи што некаде се практикуваат, нè одвлекуваат од вистинскиот пат на спасението. Ниеден човек не е вечен по својата суштина, но сите ние сме создадени да ја стекнеме вечноста. Тоа можеме само во заедница со Единствениот Вечен по суштина нашиот Бог Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух.
На денот пред Рождеството Христово – Бадник, ќе служиме Литургија, а потоа, во Македонска Каменица во 11 часот, а во Делчево во 12 часот ќе ги дочекаме во храмовите децата што, веќе традиционално, ни го објавуваат Раѓањето Христово одејќи низ улиците на градот и во духот на Ангелите што го објавија доаѓањето на Спасителот, пеат божикни радосни песни.
На Божик, во 8 и 30 часот, ќе се служи празнична Литургија, а после тоа ќе ја продолжиме прославата на големиот празник со дружење пред храмот, каде ќе биде припремена трпеза на љубовта од страна на општина Делчево.
Голема радост имаме да ве повикаме сите на заедничка прослава каде што сите заедно ќе посведочиме достоинствено и велелепно празнување во духот на христијанските вредности.
Христос се раѓа славете! Христос од небото пресретнете Го! Христос е на земјата вознесете се! Пеј му на Господа цела земјо и со веселба воспејте го луѓе, зошто се прослави!
Христос се роди! Среќно и бериќетно новото 2026 лето Господово.
ЕПИСКОП
+Делчевско-каменички Марко

