Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со остра реакција и најостра осуда откако денеска (11 јануари) непознато лице извршило напад врз објектот на бугарската амбасада во Скопје.
Официјална Софија го оцени чинот како недопустлив напад врз дипломатска мисија и грубо кршење на Виенската конвенција, директно обвинувајќи ги македонските институции за создавање клима на неказнивост.
„Ова е резултат на системска пасивност“
Во соопштението, бугарското МНР не штеди критики кон македонските власти, поврзувајќи го денешниот инцидент со претходни случувања.
„Министерството изразува длабока загриженост што ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија“, се вели во реакцијата.
Тие додаваат дека институционалната пасивност и толерирањето на „говорот на омраза“ создале средина во која ваквите криминални дејствија се охрабруваат и ескалираат.
Бугарија испорача јасни барања до властите во Скопје:
Итно пронаоѓање на сторителот и негово кривично гонење.
Гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски претставништва и нивниот персонал.
„Очекуваме институциите во Северна Македонија јасно и недвосмислено да се оградат од манифестациите на омраза и да работат на создавање коренито поинаков јавен наратив за односите со Бугарија“, порачуваат од бугарското МНР.
На крајот, Софија предупредува дека внимателно го следи случајот и „го задржува правото да преземе дополнителни дејствија“ за заштита на своите интереси.

