Во Македонска Каменица одбележан празникот Обрезание Христово и почетокот на Православната Нова година
Денес, 14 јануари 2026 година, Светата Православна Црква го одбележа празникот Обрезание на нашиот Спасител Господ Исус Христос, споменот на свети Василиј Велики и почетокот на Православната Нова година.

По тој повод, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица беше отслужена Света Божествена Василиева Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство, епископот Делчевско-каменички г. Марко, во сослужение на парохиските свештеници.

По читањето на Светото Евангелие, епископот г. Марко одржа пригодна беседа, во која ја истакна важноста на православното празнување на светителите и потребата од духовно обновување. Тој нагласи дека суштината на празниците е учеството во Светата Литургија, потенцирајќи дека верниците треба да се воздржуваат од пагански обичаи.
Во своето обраќање, епископот повика на одговорност и духовна зрелост, истакнувајќи дека искреното исповедање на верата во Христа и во Црквата е темел на вистинскиот христијански живот.

