Македонските превозници вечер во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Aсоцијацијата Макам-транс“, откако Европска комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи за престојот во траење од 90 во 180 дена во шенген-зоната.
Со тоа, по речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на премините „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“ за влез и излез од државата.
„Макам-транс“ во објава на „Фејсбук“ наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои, како што велат, неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.
– Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати, согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европска комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кои се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена.
Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени, Ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијација Макам-транс на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење ќе биде ПРЕКИНАТ од вечерва, 29 јануари.
2026 година од 20:00 часот за влез и излез од државата. Особено сме благодарни до сите медиски куќи, портали кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа.
Заедно сме посилни!, велат од „Макам-транс“.

