Денес со благодарност и длабоко почитување го спомнуваме Преподобниот Максим Исповедник, голем богослов, подвижник и непоколеблив сведок на православната вера.
Живеејќи во време на тешки догматски борби, свети Максим со разум осветлен од благодатта и со срце исполнето со љубов кон Христос, храбро ја исповеда вистината за двете волји и двете дејства во Господ Исус Христос, иако тоа му донесе прогонство, маки и страдања. Тој не пролеа крв, но со трпение и исповедништво го принесе својот живот како жртва жива и света.
Неговото богословие е длабоко, но израснато од молитва и личен подвиг; неговиот живот – сведоштво дека вистината не се брани со сила, туку со верност до крај.
Нека примерот на Преподобниот Максим Исповедник нè поучи
да не правиме компромис со верата, да ја соединиме молитвата со умот и со љубов да ја исповедаме вистината, без страв.
По неговите свети молитви, Господ да нè утврди во верата и да нè спаси.
Амин!

