Потпишани договори за унапредување на социјалните услуги во Крива Паланка
Општинската организација на Црвен крст – Крива Паланка, со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, и оваа година продолжува со реализација на клучни социјални услуги за граѓаните.
Денеска беа потпишани два значајни договори со кои се обезбедува континуитет на веќе воспоставени и докажани хумани проекти.
Првиот договор се однесува на услугата „Помош и нега во домашни услови“, наменета за лица на кои им е потребна секојдневна поддршка во сопствениот дом. За оваа намена се обезбедени 18.323.200 денари.
Вториот договор е за Центарот за дневен престој на стари лица – активно стареење, кој овозможува организиран, безбеден и активен дневен престој за повозрасните граѓани. За реализација на оваа услуга се издвоени 6.058.800 денари.
Со потпишувањето на договорите се потврдува континуираната заложба за развој на социјалната грижа, солидарност и подобрување на квалитетот на живот на најранливите категории граѓани.

