Реконструкција на водоводната и канализационата мрежа на улицата „Ванчо Прке“ во Виница
Со подобрувањето на временските услови, Општината ги започна најавените инфраструктурни проекти подготвувани во изминатиот период. Денес официјално започна реконструкцијата на водоводната и канализационата мрежа на улицата „Ванчо Прке“, важна сообраќајница која ја поврзува Виница со населбата и селото Градец.
Проектот предвидува реконструкција на водоводната мрежа во должина од 558 метри, при што старите азбест-цементни цевки ќе бидат заменети со висококвалитетни полиетиленски цевки. Паралелно, ќе се изврши и реконструкција на канализационата мрежа во должина од 543 метри, која поради својата старост и неквалитетна изведба досега предизвикуваше чести дефекти и проблеми во работењето на јавното комунално претпријатие.
По завршувањето на реконструкцијата на комуналната инфраструктура, ќе следува и целосна санација на самата улица „Ванчо Прке“, која поради големата фреквенција на сообраќај и фактот дека повеќе од 20 години не била реконструирана, е значително оштетена.

Доколку временските услови го дозволат тоа, градежните работи се очекува да завршат во рок од еден месец. Во тој период, граѓаните кои гравитираат кон населбата и селото Градец ќе ја користат улицата „Кеј 30-ти Август“ како алтернативна сообраќајница.
Вкупната вредност на проектот, кој ја опфаќа и реконструкцијата на улицата, изнесува 11.486.330 денари. Средствата се обезбедени преку владиниот повик за инфраструктурни проекти за општините, со поддршка од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт.

