Виничкото здружение „Умиление“ помага на околу 80 семејства – во тек е реновирање на две куќи на сограѓани во социјален ризик
Хуманитарното здружение „Умиление“ од Виница континуирано спроведува активности за поддршка на ранливи категории граѓани, опфаќајќи околу 80 семејства од општината.

Здружението на месечно ниво обезбедува прехранбени и хигиенски пакети за семејства во социјален ризик. Покрај тоа, активно помага при опремување на домови, набавка на огревно дрво, обезбедување лекови, како и при плаќање и закажување болнички третмани и други неопходни услуги.
Во моментов, „Умиление“ реализира две поголеми хуманитарни акции – реновирање на две куќи кои се наоѓаат во исклучително лоша состојба. Целта е да се обезбедат основни услови за достоинствен живот на семејствата што живеат во нив.
Од здружението информираат дека активностите се спроведуваат со поддршка од хумани граѓани и донатори, а интересот за вклучување во акциите расте. Во текот на изминатите денови, дополнителни волонтери се приклучија кон иницијативите за помош.
Претседателката на здружението посочува дека хуманоста и солидарноста се клучни за надминување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат семејствата во потреба, нагласувајќи дека „Умиление“ ќе продолжи со својата мисија и во наредниот период.

