Започна реконструкцијата на главната улица во село Градец – инвестиција од над 6,8 милиони денари
По барање на жителите на село Градец, започна реализацијата на нов инфраструктурен проект – реконструкција на главната улица во селото.
Проектот опфаќа целосна реконструкција на улица во должина од 530 метри, како и крак од истата во должина од 220 метри. Патната делница беше во исклучително лоша состојба, со бројни ударни дупки и пукнатини, а на одредени места беа евидентирани и видливи деформации и слегнувања на коловозот.
Според информациите од Општина Виница, улицата не била реконструирана најмалку две децении.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 6.864.432 денари. Средствата се обезбедени преку повикот на Владата за инфраструктурни проекти за општините, преку Министерството за транспорт.
Со реализацијата на овој проект се очекува значително подобрување на безбедноста и условите за сообраќај во селото, како и унапредување на локалната патна инфраструктура.


