ТППЕ Берово доби специјално противпожарно возило од Словенија
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Берово денеска официјално го прими новото специјално противпожарно возило, донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње од Република Словенија. Станува збор за значајна донација која ќе придонесе за унапредување на системот за противпожарна заштита и зголемување на оперативната подготвеност на единицата во Општина Берово.
На примопредавањето, градоначалникот на Берово, Петар Ружински, упати благодарност до сите кои придонеле за реализација на донацијата.
– Посебна благодарност упатувам до пратеничката и наша сограѓанка, госпоѓа Сандра Газинковска, која со својата лична заложба имаше клучна улога во реализацијата на оваа донација и во поврзувањето на нашите заедници. Благодарност и до градоначалникот на Општина Крањ за срдечниот прием, како и до претставниците на Доброволното противпожарно друштво Битње за донацијата и за покажаната отвореност и подготвеност за понатамошна соработка, истакна Ружински.
Надлежните оценуваат дека новото возило ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција при пожари и други непогоди, со што значително ќе се зголеми безбедноста на граѓаните во беровскиот регион.


