
Денес во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица беше отслужена Света Божествена Архиерејска Литургија, со која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Наум, во сослужение со Неговото Преосвештенство Епископот делчевско-каменички г. Марко и свештенството од епархијата.

Во архипастирската беседа, Митрополитот Наум се осврна на евангелската порака за Страшниот Суд, нагласувајќи дека љубовта кон ближниот е мерилото по кое човекот ќе биде суден. Тој истакна дека причестувањето со Телото и Крвта Христови значи и повик на единство, прошка и милосрдие кон секој човек како икона Божја.

По завршувањето на Литургијата, Марко му врачи граден крст и камилавка на отец Атанас, во знак на признание за 52 години верна и пожртвувана свештеничка служба.
Богослужението заврши во молитвена радост, а верниот народ со благоговејност ги прими Светите Христови Тајни.

