ЈЛБ “ИЛИНДЕН” ДЕЛЧЕВО ГО ОДБЕЛЕЖА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК
Мајчиниот јазик е нашиот прв збор, прва мисла и најдлабока врска со сопствениот идентитет. Тој ја носи нашата историја, култура и традиција и не поврзува со минатото, сегашноста и иднината.
По повод 21 февруари – меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ЈЛБ„Илинден“ – Делчево го одбележува овој значаен ден со потсетување за важноста од неговото чување, негување и пренесување на идните генерации.

Годинава овој датум го одбележавме заедно со петтооделенците од ООУ„СВ.Климент Охридски“ – Делчево и наставничките Јулија, Васка и Даниела. Преку креативна и едукативна работилница се потсетивме на старите македонски зборови кои денес ретко се употребуваат или целосно се заборавени. Учениците имаа можност да ги запишуваат, да го откриваат нивното значење и да дознаат кои современи зборови ги замениле: абер,зијан ,ѕрцала, ѓум,мастраф,тапија, баждарина, абдал,вршник, штембил, осојак и др. Со тоа, учениците имаа можност да ја согледаат богатата јазична традиција и да ја развиваат свеста за значењето на зачувување на мајчиниот јазик.
Со оваа активност ја негуваме љубовта кон мајчиниот јазик, ја чуваме јазичната традиција и ги поттикнуваме најмладите да ја откриваат богатата ризница на македонскиот збор.
Со одбележувањето на овој значаен датум, библиотеката продолжува да придонесува во негувањето на јазичната култура, поттикнувањето на љубовта кон пишаниот збор и зачувувањето на националното културно наследство.
Јазикот е нашиот идентитет, култура и наследство, да го сакаме, почитуваме и негуваме нашиот мајчин јазик, бидејќи преку него ја раскажуваме нашата приказна.

