Во Виница отворен прв социјален провајдер за помош и нега во домот
Во Виница за првпат започна со работа социјален провајдер за услугата помош и нега во домот. Станува збор за Асоцијација на социјални провајдери „Стартер Плус“ – Виница, лиценциран и финансиран од Министерство за социјална политика, демографија и млади, кој функционира во соработка со Центар за социјална работа Виница.
Корисници на услугата можат да бидат лица со најтешка и комбинирана попреченост, потполно слепи лица, стари лица и други граѓани со намален функционален капацитет кои не можат самостојно да се грижат за себе. Максималниот обем на услугата изнесува до 80 часа месечно, а минималниот пет часа, согласно медицинска проценка.
Координаторката Зорка Коцев и директорката на ЦСР Виница, Сашка Дончева, апелираат граѓаните кои имаат потреба од услугата да се обратат кај матичните лекари за обезбедување медицинска документација или директно во Центарот за социјална работа, по што ќе бидат упатени во „Стартер Плус“. Контакт телефон: 071/305-775.

Во рамки на програмата се врши и обука и лиценцирање на негуватели. Во моментов се ангажирани пет лица, а предвидено е бројот да се зголеми на 16 лиценцирани негуватели. Од Општина Виница истакнуваат дека развојот на вакви услуги е значаен чекор кон подобрување на квалитетот на живот и унапредување на социјалната грижа во заедницата.

