„Моето прво подолго патување беше до Германија. Бев многу срамежлива и исплашена, но помина добро. Татко ми многу ми помагаше. Понекогаш сум се соочила со дискриминација, кога ми велеле дека како жена не можам да ја работам оваа работа, но тоа се случува ретко“, раскажува 24-годишната Надица Миланова од Штип која вози камион.

Надица Миланова од Штип има само 24 години, но веќе има 4-годишно искуство како возач на камион.
Во професија која уште се смета за „машка“, младата штипјанка ги руши предрасудите и може да послужи како пример за другите жени и девојки кои можеби се двоумат за кариера каде доминираат мажи.
Надица вели дека вистински ужива во својата работа и засега нема планови да ја промени.
Зошто одлучи да возиш камион? Дали е само твоја страст или ја наследи љубовта од некој?
Имам голема желба за возење и посебна љубов кон камионите. Љубовта кон камионите ја наследив од татко ми.

Колку долго го работиш ова? Како почна целата приказна?
Оваа работа ја работам околу 4 години. Мојата приказна започна кога имав 6-7 години, кога почнав да патувам со татко ми низ Европа.
Бевме на пат по 6-7 дена и тоа патување многу ми беше интересно.
Уживав во сè и тогаш си реков дека еден ден и јас ќе бидам шофер како татко ми.
Кое ти беше првото подолго патување сама, надвор од Македонија и како помина?
Моето прво подолго патување беше до Германија. Бев многу срамежлива и исплашена, но помина добро.
Татко ми многу ми помагаше – со паркирање, со рутата до фирмата и со документите на граница.
Бев малку под стрес сама, но после првиот пат веќе немав проблем.

