Изградена улицата „Драмечка“ во делчевската населба Басарица
Во Делчево е реализиран уште еден инфраструктурен проект – изградбата на улицата „Драмечка“ во населбата Басарица. Улицата и еден нејзин крак, со вкупна должина од 155 метри, добија нов асфалт, со што жителите конечно добија уредена сообраќајница и подобар пристап до своите домови.
Пред асфалтирањето беше поставена и подземна атмосферска канализација, со што проектот е реализиран согласно инфраструктурните стандарди. За реализацијата на проектот се обезбедени 2.862.015 денари од Министерство за транспорт на Република Македонија, а изведувач на градежните работи е компанијата ОСД Кирил.
Од општината најавуваат дека инфраструктурните активности во населбата Басарица ќе продолжат и во наредниот период со реализација на нови проекти за подобрување на условите за живот на граѓаните.

