„Недела на селата“ во Делчево: Општината со теренски средби и проекти во секое населено место
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски најави почеток на иницијативата „Недела на селата“, со која општината во наредниот период ќе ја интензивира директната комуникација со жителите во руралните средини.
Во текот на овој и следниот месец, планирани се посети на сите села во општината, при што ќе се организираат отворени денови на терен, со цел граѓаните непосредно да ги изнесат своите проблеми, потреби и предлози. Заедно со општинската администрација, на лице место ќе се разгледуваат можностите за нивно решавање.
Како дел од иницијативата, најавена е реализација на најмалку еден проект неделно во делчевските села, со фокус на подобрување на условите за живот и развој на руралните средини.
Од општината порачуваат дека ваквиот пристап има за цел да ја доближи локалната власт до граѓаните, нагласувајќи дека селата претставуваат значаен сегмент од развојот на општината и заслужуваат континуирана поддршка и внимание.

