Движењето ЗНАМ поднесе предлог-закон во Собранието
Пратеничката група на ЗНАМ, со поддршка на пратениците од мнозинството, поднесе предлог на закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, со кој се предвидува возачот што поседува возачка дозвола од Б- категорија да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата А1, чија зафатнина на моторот не е поголема од 125 м3 и чија сила на моторот не е поголема од 11 КW, a соодносот на јачината на моторот и масата на возилото не надминува 0.1 KW/кг.
– Со овој предлог на закон се предвидува возачот што поседува возачка дозвола од Б-категорија да има право да управува мотоцикл со автоматски менувач од категоријата А1, согласно со ЕУ- регулативата, откако ќе наполни 23 години, поседува минимум пет години возачка дозвола од Б-категорија и посетува 4-часовна теоретска обука за безбедност при управување мотоцикли во автошкола и која важи само на територијата на државата – информираше на прес-конференција пратеникот Павле Арсоски.

Содржината на обуката, формата, содржината на потврдата и начинот на водење на евиденцијата за издадени потврди за посета на обуката ја пропишува министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена во рок од влегувањето на сила на овој закон. Автошколата ќе треба да ја издаде дозволата за посета на четири часа обука сообраќајни правила и прописи и го известува МВР.
Арсоски потенцира дека овој закон има цел да мотивира и да поттикне што поголем број граѓани да го заменат својот автомобил, при вршењето на секојдневните обврски, со мотоцикл, со што ќе има повеќекратни придобивки, а најпрво, потенцираше, ќе се намали сообраќајниот хаос во урбаните средини и метежот при паркирањето.

– Во услови кога со години имаме нефункционален јавен превоз во главниот град Скопје, а во другите градови речиси и да не е воспоставен, граѓаните немаат друг избор, туку се принудени, при вршењето на секојдневните обврски, да користат сопствен автомобил. Бројот на автомобили постојано расте, метежот по улиците, булеварите и крстосниците станува неподнослив. Сведоци сме дека во еден автомобил најчесто се превезува едно лице. Со предложеното законско решение се овозможува можност за помасовно користење на мотоциклите, особено во урбаните средини, каде што е изразен сообраќајниот метеж. Мотоциклите од категоријата А1 претставуваат практично и економично превозно средство, кое зафаќа помал простор при движењето по патиштата и при паркирањето. Ако имаме предвид дека еден автомобил зафаќа простор за 3-4 мотоцикли на крстосница или на паркинг-место, доколку граѓаните помасовно се определат за користење мотоцикл, за приближно толку очекуваме намалување на метежот на улиците, проточноста во сообраќајот и на паркинг-местата – појасни Арсоски.
Освен тоа, додаде дека со зголемувањето на употребата на мотоцикли ќе се намали загадувањето на амбиенталниот воздух од емисиите на штетни гасови.
– Просечната старост на автомобилите и на другите транспортни средства во Македонија е поразителен и изнесува 19,5 години. Не треба да сме многу упатени, па да претпоставиме кое ниво на ЕУРО- норма се исполнува и колку се загадува со ваквите возила. Бидејќи модерните мотоцикли исполнуваат ЕУРО 4-5, со помасовно користење на мотоциклите, очекуваме и намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух од сообраќајот од емисиите на штетни гасови – додаде Арсоски, потенцирајќи дека аргумент за овој предлог-закон е и фактот што Македонија има одлични климатски услови за користење на вакво превозно средство речиси во текот на целата година.
Исто така, како не мала придобивка ја посочи малата потрошувачка на гориво, што во услови на високи цените на горивата, кои продолжуваат да растат, користењето мотоцикли во голема мера ќе го заштити домашниот буџет.
– Во оваа пригода, апелирам до сите граѓани учесници во сообраќајот и особено до оние што ќе се одлучат да го заменат својот автомобил во своето секојдневие со мотоцикл, да се однесуваат одговорно, да ги почитуваат сообраќајните прописи и да се грижат за својата безбедност и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Притоа, напоменувам дека согласно со Законот, и пешаците се учесници во сообраќајот – рече Арсоски.
Согласно со споменатата ЕУ-директива, држави каде што може да се управува мотоцикл до 125 см³ со возачка дозвола од Б-категорија се: Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Чешка, Белгија, Луксембург, Словенија, Полска и др.


