Голем инцидент во Штип. 20-тина лица, од кои најголем дел малолетници, влегле во куќа и претепале татко и син. Инцидентот се случил среде бел ден на улицата Косовска, каде напаѓачите дошле вооружени со камења, дрвени стапови, мотика, лопата и други предмети.
Најнапред со нив почнале да удираат во автобобилот и куќата, а потоа ги нападнале и домаќините кои скокнале да си го бранат имотот. Своето не само што не успеале да го одбранат, туку двајцата биле жестоко претепани и завршиле со повеќе скршеници во Штипската болница.
Причините за ваквиот жесток напад, не се докрај познати, но веројатно е дека во прашање е претходна расправија.
Полицијата ќе си го заврши своето, но за штипјани, загрижувачки е што најголем дел од напаѓачите се лица помлади од 18 години:
- Лошо е тоа што се случува, младите не би требало да се занимаваат со такви работи, туку да се свртат кон дружење и спорт, сметаат повозрасните граѓани.
Конкретниот случај од Косовска е предмет на полициска истрага, по што ќе се знае колку и какви пријави ќе бидат поднесени.

