МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА, 20.06.2017 ГОДИНА
На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20.667 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а истата е администрирана од страна на Светска банка. Овие средства им се доделуваат на општините во форма на грантови и треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните области.
Во таа насока, општина Македонска Каменица доби право да користи ЕУ грант во износ од 260 илјади евра за имплементација на проектите „Изградба на локален пат во село Моштица – до Перчачка маала“ и „Изградба на локален пат во село Саса – до Сарафска маала“.
„Грантот кој го добивме со помош на ЕУ ИПА инвестицискиот фонд во износ од 260.000 евра е за изградба на локални патишта до Сарафска маала во село Саса, кој е веќе целосно завршен и до Перчачка маала во село Моштица и истиот ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот на локалните жители.
Овој локален пат до Перчачка маала во село Моштица, е со вкупна должина од 2,7 километри, ширина на коловозот од 3,5 метри, со банкини од двете страна со ширина од 0,75 метри и решено атмосферско одводнување“ – изјави д-р Дарко Митевски, градоначалник на општина Македонска Каменица.
