Урбаниот музички фестивал True Sound of Kamenica по трет пат ќе ги собира младите од истокот на Македонија. Годинашново фестивалско издание ќе се оддржи на 18-ти и 19-ти август, на старото спортско игралиште во непосредна близина на Градскиот базен во Македонска Каменица. Влезниците се пуштени во продажба, единствено во Cliff of Moher Pub-Македонска Каменица, а дводневната фестивалска влезница е со цена од 200 денари. Еднодневни влезници ќе се продаваат само на влез на фестивалот по цена од 150 денари.
True Sound of Kamenica е назависен музички фестивал, чија главна цел е урбано будење и градење на улична култура. Тоа е фестивал на кој настапуваат рок, рап, реге бендови и реномирани диџеи. Оваа година, на третото фестивалско издание ќе настапат: еден од моментално најактуелните и најбараните италијански диџеи Alex Kenji, македонскиот реге бенд и бренд Conquering Lion, рап сензацијата Зад Аголот, рокерите Паркети, диџеите Самоил Радински, Флудер и Андреј Мицајков, а локална поддршка се Јама46 и 4и21.
Организаторите на T.S.O.K. најавуваат дека и годинава фестивалот ќе биде реализиран на највисоко ниво, а новина ќе биде поставувањето на мини релакс зона, каде фестивалџиите ќе може да здивнат и одморат.
True Sound of Kamenica Festival од година во година расте и добива на квалитет и реноме, а во изминатите години беше домаќин на истакнати и докажани музички имиња, како што се: босанскиот бенд Zoster, македонците Green Out, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, диџеите Vladimir Acic и Loco Baby од Србија, италијанскиот диџеј Manuel De La Mare, Christian Craken, Momo Dobrev, Diass, Double D и Miss Party од Бугарија и македонските диџеи Оливер Петковски, Даркман, Абраш, ЗокиПоки и Борче Панов.
Фестивалот е во организација на АСГАРД 2015 Македонска Каменица, генерален покровител е Рудник Саса, а спонзори се Дрилко ДОО, Палмас 2016 и Мартин Стил.

