Пожарот кој се појави вчера попладне кај делчевското село Драмче е се уште активен, а гори борова шума, сува трева на површина од над 100 хектари, но опожарени се и десетина објекти меѓу кои и куќи од неколку маала од селата Драмче и Селник, села кои се од разбиен тип.

Драган Балас од Центарот за управување со кризи истакна дека гаснењето на пожарот продолжи утрово.
-Зафатена е голема површина над 100 хектари засега не можеме со сигурност да кажеме колкава површина е опожарена, но пожарот се уште е активен . Сега се шири накај селото Киселица, но успеавме да го спречиме ширењето кон границата со соседна Бугарија. Во пожарот изгореа десетина куќи и објекти во неколку маала од селото кое е од разбиен тип,но, спасена е црквата „Св Петка“ која е значаен културно-верски споменик со потекло од 14 век.., рече Балас.

Тој додаде дека во гаснењето се активирани стотина лица од ТППЕ од Делчево, Каменица, Кочани, Виница и Берово, од ЈП Македонски шуми „Голак,, како и ЈП „Брегалница“ од Делчево, од Граничната полиција и месното население.

Според првичните информации пожарот започнал од куќа во Стамболиското маало од фурна за леб по што со помош на силниот ветер и сувата трева се проширил кон блиската борова шума од каде зафаќа голема површина во двете делчевски села Драмче и Селник. Поради големата брзина на ширење на ветерот и непристапниот терен, во неговото гаснење вчера попладне учествуваа и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.
