На Истокот се вози брзо и неодговорно. Првите осум месеци од годинава, на патиштата во Регионот се случиле 448 сообраќајни незгоди, или во просек по две дневно. Во нив, со повреди завршиле 221 лица, а направена е материјална штета од над 10 милиони денари.

Но, дел од овие несреќи биле кобни за 20 животи на граѓани од Истокот. Последните две жртви се во две одделни сообраќајки кои вчера се случија на патот Виница – Македонска Каменица.
Оваа статистика е поразителна, зашто бројот на сообраќајки и жртви во споредба со истиот период лани е во пораст :
- Бројот на сообраќајните незгоди е поголем за 34 случаи во однос на истиот период лани. Но, загрижува тоа што во овој период е зголеме бројот на сообраќајни несреќи со најтешки последици, односно со загинати лица, кажа Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Причините за несреќите и понатаму, во најголем дел, се во човечкиот фактор :
- Најчести причини за нив се неправилното вршење дејствие, неприлагодената брзина според условите на патот, односно пребрзо возење, како и недавање прединство, објасни Панајотова.
Особено опасно е возењето по влажни коловози, период кога треба, а не се внимава повеќе од вообичаено :
- Младие не внимаваат, возат побрзо, а коловозот од дождот е лизгав. Кога паѓаат дождови мора повеќе да се внимава, велат анкетирани возачи.

Сево ова значи дека апелите упатени од надлежните институции, тешко стигнуваат до возачите. Доколку продолжи оваа негативна тенденција, многу веројатно е дека по ланската лоша сообраќајна година, оваа ќе биде катастрофална.

