Дека Македонија навистина може да биде земја на чуда и на невидени контрадикторности покажува и денешната свеченост во Кочани, каде што на сензационален начин беше „промовирана“ новата количка за обележување на теренот на фудбалскиот стадион „Никола Мантов“.
За „донација“ од неколку стотици евра, од асоцијацијата „Алзас – Македонија“, на стадионот во Кочани денеска се собрале наставници и ученици од ООУ „Никола Карев“ од Кочани, членови на ОФС – Кочани, ЖФК „Кочани“, петлињата на ФК „Кочани“.

Количката свечено била пуштена во употреба напладне, пишува кочанскиот портал komarec.com.mk.
Според порталот, оваа донација била дел од проектот собирање колички во Алзас (Франција) за исцртување фудбалски терени, опрема што е поправена од страна на асоцијацијата и доставена во Македонија за да им се подели на фудбалските клубови преку ФФМ.
Пред поканетите гости свое обраќање имал Жак Шлеф, претседателот на АЛМА, а капитенката на ЖФК „Кочани“, Ана Веселинова,од името на клубовите од Кочани ја примила донацијата од рацете на Андре Булер, претставник на Фудбалската лига на Алзас.
Не сакаме ни да помислиме што би се случило во Кочани кога таму би се решиле да ги сменат стативите на головите…



