Македонска Каменица, 21. Октомври 2024 година – Вчера, 20-ти октомври, 17-та недела по Педесетница, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко во сослужение на свештенството началствуваше во храмот ,,Успение на Пресвета Богородица”во Македонска Каменица.
По читањето на Светото Евангелие, Епископот искажа содржајна беседа во врска со денешното Свето Евангелие, каде е опишан еден чудесен настан на воскреснување на синот на една вдовица.
Г. И. Христос со ова чудо ни покажал дека има власт над смртта. Онаму каде е присутен Животодавецот Христос, смртта е победена и обесилена. Затоа, ние на секоја Света Литургија треба да го примаме бесмртното тело и крв на Спасителот, за да придобиеме бесмртност и вечен живот. Присуствувајќи на истата ние правиме подвиг и искажуваме благодарност кон Бога.
Ние секојдневно треба да помислуваме на Бог, и правејќи подвиг со пост и молитва постојано да живееме во согласност со Христовото учење и да се надеваме дека после овоземниот живот ќе продолжиме да живееме во вечна заедница со Него.


