Ѓорѓијоски ќе ја претставува Македонија на фестивалот ЖАОКА во Србија
Македонска Каменица 30. Ноември 2024 година – Нашиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски ќе биде претставник на Македонија на престижниот фестивал ЖАОКА, кој ќе се одржи во Домот на културата „Братство-единство“ во Качарево. Со свој избор на најдобри афоризми, Ѓорѓијоски ќе го збогати културниот програм и опусот на овој регионален фестивал.

Во делегацијата која ќе го придружува Ѓорѓијоски во Панчево се и Христина Деолска, Влатко Ситновски и Софија Ситновска. Тие ќе ја искористат посетата за одржување на средба со Националниот совет на Македонците во Србија и да разговараат за засилување на соработката со Меѓународниот фестивал Јаков од Камена Река – Македонска Каменица.
Една од главните теми на разговорите ќе биде реализацијата на договорот за поставување на изложба на избрани страници од Часословот, како и изложба на најдобрите трудови од Конкурсот за најубав кириличен испис со краснопис на македонски јазик. Овие изложби ќе бидат одличен начин за промоција на македонската култура и писменост во Србија.

Делегацијата ќе разговара и за можностите за поинтензивна соработка со училиштата во Србија во кои се изучува македонскиот јазик. Целта е да се поттикне изучувањето на македонскиот јазик и да се овозможи на младите генерации да се запознаат со македонската култура и историја.
Планирано е остварување на соработка со која нашата млада карикатуристка Софија Ситновска, во иднина ќе има можност да претстави својата уметност на српската публика.
Оваа посета претставува одлична можност за продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Србија и за промоција на македонската култура во регионот.

Пишува: Горан Бразда
30. Ноември 2024 година

