
Денес, 08-ми декември 2024 год., нашата Македонската Православна Црква го празнува својот голем заштитник и молитвеник ,,Св. Климент Охридски’’. Во чест на овој значаен ден за нашата Црква, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички началствуваше на Светата Литургија во храмот ,,Успение на Пресвета Богородица’’ во Македонска Каменица. По читањето на Светото Евангелие Епископот одржа пригодна беседа во која го протолкува денешното Евангелие.

Денес, празнуваме едно големо светило на верата. Во тропарот на овој светител многу јасно ни се опишува животот и посветеноста кон просветувањето на народот. Св. Климент со зборови ги упатил народите во верата, со чудеса ги просветлил оние кои пристапувале со вера кон него. Но, и нам идните генерации не задолжил да го чуваме писмото дадено од Бога. Бил Епископ Велички и прв просветител. Тој деноноќно работел со народот и со децата за да ги образува. Не давал одмор на очите туку постојано читал и создавал дела од кои и ние, примивме дел. Народот примил вистински вредности од Бога преку воспитување и образование.

За нас во денешницава неизмерна радост ни причинува тоа што веќе подолго време е воведена веронауката во образовниот процес. На тој начин му се оддолжуваме за аманетот кој ни го оставил свети Климент на нас, кои имаме богословско образование. Ние, највеќе треба и со делотворен живот, да посведочиме дека сме вистински негови следбеници.


