Градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски говореше пред присутните граѓани во Домот на култура, на отварањето на Манифестацијата за Избор на спортист на годината на Македонска Каменица за 2024 година”. Атанасовски во рамки на манифестацијата додели повеќе признанија на успешни спортисти, спортски работници и спортски екипи.
Неговото обраќање ви го пренесуваме во целост:
Почитувани сограѓани,
Драги спортисти, спортски работници и ентузијасти,
Со голема радост и чест вечерва го означувам почетокот на првата манифестација „Спортист на годината на Македонска Каменица“. Овој значаен настан го посветуваме на одбележувањето на спортските успеси кои ја исполнуваат нашата општина со гордост, истакнувајќи го трудот, талентот и посветеноста на нашите спортисти кои успешно ја афирмираат Македонска Каменица на домашната и меѓународната сцена.
Најнапред, дозволете ми да упатам искрена благодарност за можноста да бидам дел од оваа вечер, како и за признанието кое ја одразува нашата заедничка посветеност кон развојот на спортот. Ова признание не е само потврда за нашата досегашна работа, туку и мотив за континуирана поддршка и вложувања во спортот, со цел да создадеме подобри услови за сите генерации.
Како општина, ќе продолжиме да инвестираме во спортската инфраструктура, да ги поддржуваме спортските клубови и нашите млади таленти. Затоа што спортот е многу повеќе од физичка активност – тој е мост што обединува, промовира здрави навики и создава генерации кои носат нови победи и успеси.
Особена благодарност упатувам до Здружението на граѓани „Багери“ и до нашиот сограѓанин Звонко Прангов кој со својата исклучителна љубов кон спортот, како долгогодишен новинар, спортски дописник и неуморен ентузијаст, со децении ја облагородува нашата заедница. Организацијата на оваа манифестација е доказ за неговата визија и неуморна посветеност, кои служат како инспирација за сите нас. Благодарение на неговата иницијатива, со манифестацијата „Спортист на годината“, се надевам дека од вечерва започнува нова традиција во Македонска Каменица, која ќе го зацврсти значењето на спортот во нашиот град.
Ви благодарам за честa да бидам дел од оваа свеченост. На сите наши спортисти им посакувам многу успех, нови победи и инспирација за натамошни достигнувања.








