Македонска Каменица, 19. Септември 2025 година – Во просториите на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица се одржа едукативна работилница во рамките на проектот „Сатирична Работилница за Деца“, поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Работилницата опфати активности за пишување детски афоризми и епиграми, илустрирање на истите, како и запознавање со основите на глаголицата. Ментори беа писателот-сатиричар Миле Ѓорѓијоски и илустраторот Софија Ситновска од Македонска Каменица.
„Целта на овие работилници е да го поттикнеме креативниот дух кај децата и да им дадеме можност преку афоризмот и хуморот да ја изразат својата мисла на едноставен и духовит начин,“ изјави Миле Ѓорѓијоски.

Тој додаде дека посебен сегмент е и запознавањето со глаголицата, преку која децата имаат можност да ја почувствуваат историската и културна вредност на македонскиот јазик и писмо. „Верувам дека со вакви активности успеваме кај младите генерации да изградиме љубов кон пишаниот збор и кон нашето културно наследство,“ потенцира Ѓорѓијоски.

„Како илустратор од Македонска Каменица, особено ми е драго што токму овде имавме можност да ја одржиме оваа работилница. Цртежите што ги создадоа децата се доказ дека имаат богата имагинација и талент кој треба да се негува и развива“ – изјави нашата Софија Ситновска.
Проектот „Сатирична Работилница за Деца“ продолжува со нови активности и следни дестинации Охрид, Кичево, Радовиш, Крива Паланка и Кочани.

