Баскет Кам од Македонска Каменица продолжува да пишува историја во македонската женска кошарка. Со убедлива победа над Вардар од 63:44, тимот по четврти пат во последните пет години го освои Супер Купот на Македонија „Драган Василов-Цевка“.

Баскет Кам уште еднаш покажа доминација, искуство и тимска игра, особено во второто полувреме кога ја презеде целосната контрола на теренот.
Во шампионскиот состав настапи нашата млада сограѓанка и младинска репрезентативка на Македонија, Стефани Јанева. Стефани, веќе неколку сезони е носител на играта во сите младински категории на Баскет Кам и финалист во М12 категорија, со вицешампионскиот младински состав од Македонска Каменица.

По триумфот, претседателот на клубот, Јордан Цветановски, истакна:
„Оваа победа е резултат на огромна работа, дисциплина и верба. Четвртиот Суперкуп за нас не е само трофеј, туку и симбол на континуитет и истрајност. Благодарност до кошаркарките, стручниот штаб, нашите помагатели и навивачи, како и за целата поддршка што ја добиваме од Македонска Каменица. Градот може да биде горд на овој успех.“
Со овој трофеј, Баскет Кам уште еднаш потврди дека е еден од најголемите спортски амбасадори на Македонска Каменица и инспирација за младите кои тренираат и работат за нови спортски успеси.
Нов тренер на клубот, кој во денешното финале го водеше Баскет Кам до новиот трофеј, е Тони Симиќ.


