САБОТАТА – ДЕН ЗА МОЛИТВА ЗА ПОКОЈНИТЕ
Многу често се забележува еден обичај меѓу верниците – износите (помени и парастоси) за покојните да се прават во недела. Иако намерата на тие што ги принесуваат е добра и произлегува од љубов кон своите упокоени, важно е да се знае дека Црквата од најстарите времиња го одредила саботниот ден како ден на молитвено спомнување на покојните.
Саботата, уште од старозаветно време, е ден на покој. Во христијанската традиција, таа има посебна симболика: тоа е денот на одморот на душите, ден кога се молиме за сите што „заспаа со надеж на воскресението“. Затоа во сите православни богослужбени книги – во минеите, триодите и евхологиите – токму саботата е предвидена за заупокоени литургии и помени за мртвите.
Во недела, пак, Црквата слави нешто сосема поинакво – празнувањето на Христовото Воскресение, победата над смртта и радоста на новиот живот. Неделата е ден на светлина, радост и духовно воскресение, кога не се извршуваат заупокоени богослужби. Затоа е важно да не го мешаме денот на радоста со денот на тагата, туку секој да има свое место и своја духовна тежина.
Правилно и благословено е износот за покојните да се прави во сабота наутро, по заупокоената света литургија, кога Црквата ја принесува бескрвната жртва и ги спомнува имињата на упокоените. Тогаш молитвата е најсилна, а принесувањето – најсмислено.
Свештениците, од своја страна, со љубов и пастирска грижа треба да ги поучуваат верниците за оваа духовна вистина, за да не се нарушува богослужбениот поредок и да не се меша радоста на Воскресението со молитвата за упокоените.
Нека секој верник ја знае оваа света разлика:
– Саботата – ден за молитва за покојните.
– Неделата – ден за радост и благодарност кон Воскреснатиот Христос.
Кога ќе го запазиме тоа, и нашите молитви ќе бидат посилни, и нашиот живот – поблагословен.

