Шаховскиот клуб „Каменица Саса“ од Македонска Каменица го објави распишувањето на затвореното општинско првенство во шах за 2025 година.
Првенството ќе се одржи во две категории – сениорска конкуренција мажи и жени, како и пионерска категорија, во машка и женска конкуренција до 12 и до 18 години. Натпреварите ќе се играат по Бергеров систем, со времетраење на партија од 30 минути.

Пријавувањето е во тек и се врши секојдневно во просториите на клубот, како и кај претседателот Лазо Стаменковски, односно секретарот Санде Ивановски. Последен рок за пријавување е 17 ноември 2025 година, кога во 17:00 часот ќе започнат и првите натпревари.
За најуспешните натпреварувачи се обезбедени пригодни награди, а победниците ќе го претставуваат клубот на официјални државни натпревари.
Од Шаховскиот клуб „Каменица Саса“ упатуваат покана до сите шахисти и љубители на оваа древна игра да се приклучат и да бидат дел од ова традиционално спортско случување во Македонска Каменица.

