
Македонија е земја на јазична разновидност како ретко која друга во регионот. Дури и најмалото село чува свој говор, свои зборови и изрази кои се разликуваат од соседното село само неколку километри подалеку. Д-р Веселинка Лаброска, научен советник и редовен професор во Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, објаснува дека бројката на дијалекти во Македонија е поразителна и фасцинантна – секое населено место има свој говор, а само во една општина може да се најдат и до 33 различни варијанти.

„Овие дијалекти што се на територија на Македонија не умираат. Тие само се менуваат, се доизменуваат и се чуваат, особено во населените места. Таму каде што селото е празно, нормално, нема кој да го чува говорот“, вели Лаброска.

За жал, ситуацијата не е иста за етничките македонски простори надвор од границите на државата – во Егејска Македонија, Пиринска Македонија и делумно во Албанија. Таму селата се празнат, младите заминуваат, а локалните говори се изложени на исчезнување. „Во Албанија има делумни права, но во Пирин и Егеј речиси нема можности за одржување на јазикот. Таму луѓето се обесправени, изолирани, речиси нема кому да се зборува македонски“, објаснува Лаброска.
Целиот текст ОВДЕ

