ИЗЛОЖБА НА „ЧАСОСЛОВ“ ОД ЈАКОВ ОД КАМЕНА РЕКА ОТВОРЕНА ВО МУЗЕЈОТ НА АРМ ВО ТЕТОВО
Вчера, четврток, 04 декември 2025 година, во Музејот на АРМ во Тетово беше отворена изложбата на избрани страници од книгата „Часослов“ од Јаков од Камена Река. На публиката ѝ беа претставени 39 панели, подготвени во превод од црковнословенски на македонски јазик од епископот делчевско-каменички г. Марко, со графички дизајн на Ласко Џуровски.

Изложбата ја отворија директорката на музејот Кристина Томовска Ристовска и директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски. На настанот свои обраќања имаа и Гоце Панговски, годинешен добитник на наградата за промоција на македонската историја во дијаспората, кој живее и работи во Америка, како и Бранислав Светозаревиќ, лауреат на истата награда за 2024 година.

Организаторите информираа дека за изложбата има голем интерес и дека таа ќе биде поставена во музејот во наредните десет дена.
Пред официјалното отворање, Миле Ѓорѓијоски одржа и Сатирична работилница за деца со ученици од тетовските училишта. Поради значителниот интерес, договорено е во следниот период да се организираат уште неколку вакви работилници.

