ЖКК Баскет Кам Македонска Каменица останува на врвот на македонската женска кошарка
Во рамки на настанот ALL STAR 2025, во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, беа доделени признанијата за најдобрите во македонската женска сениорска конкуренција за сезоната 2024/2025. Уште еднаш, во центарот на вниманието се најде ЖКК Баскет Кам од Македонска Каменица, кој ја потврди својата доминација на домашната сцена.

Нашиот клуб и годинава го доби престижното признание за најдобра женска кошаркарска екипа во Македонија, додека индивидуалните награди исто така завршија во редовите на Баскет Кам. Ивана Кметовска беше избрана за најдобар играч на сезоната, а Жаклина Стефановска ја понесе наградата за најдобар тренер во женската сениорска конкуренција. Признанието за најдобра екипа во името на клубот го прими претседателот Јордан Цветановски.

Овие признанија се уште една потврда за континуираната успешна работа на ЖКК Баскет Кам, клуб кој со години наназад претставува синоним за квалитет, стабилност и врвни резултати во македонската женска кошарка. Во изминатите сезони, Баскет Кам редовно се наоѓа во самиот врв на првенството, освојува шампионски титули и куп натпревари, бележи значајни настапи во плеј-оф фазите и достојно ја претставува Македонија на меѓународната сцена.

Со системска работа, јасна визија и посветеност на развојот на женската кошарка, ЖКК Баскет Кам продолжува да ја гради својата победничка приказна и да биде горд спортски амбасадор на Македонска Каменица и на македонската кошарка во целина.

