Одржан традиционалниот празник Сурова во селото Градево, Пиринска Македонија
Традиционалниот празник Сурова и годинава се одржа во селото Градево со масовно учество и богата програма. Четврта година по ред, жителите го оживуваат овој древен обичај, кој се пренесува од генерација на генерација.
Во манифестацијата учествуваа околу 120 сурваскари, кои изведоа автентични ритуали поврзани со прогонување на злите сили и упатување желби за здравје и бериќет во новата година.
Домовите во селото беа отворени за сурваскарите, кои насекаде беа пречекувани со почит и гостопримство.

Суроваскарската поворка ја предводеше градоначалникот на селото Градево, Николај Филимонов, заедно со градоначалникот на Општина Симитли, Апостол Апостолов. На центарот на селото беше одиграно заедничко оро, со што симболично беше заокружена празничната програма.
Обичајот Сурова, покрај тоа што се одбележува во Пиринска Македонија, истиот е присутен и во вардарскиот дел на Македонија, односно во Република Македонија, особено во источните региони. Најпозната манифестација од овој тип е Ѕвегорската Сурова, која годинава ќе се одржи на 14 јануари, во среда.

