На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.
Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…
Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21)

Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање.
Како што може да се види „Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.“ Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето.
Како што се пее во еден тропар „Слегувајќи Спасителот при родот човечки го прими повивањето во пелени; не се одврати од плотското обрезание…“ Христос, како што од љубов и човекољубие го прими повивањето со пелени, така го прими и плотското обрезание. Тоа крајно снисходење и понижување Христово, од црквата се смета за голем Господов празник.“
Треба да се спомене и тоа дека Исус со обрезанието покажа дека примил вистинска човечка природа. „Тоа е многу значајно, затоа што во древната црква се појавила една ерес која се нарекува докетизам и која тврдела дека Христос не прими вистинска човечка природа, вистинско човечко тело, туку привидно тело.“ Во таа смисла обрезанието има врска и со крштевањето. Зашто, ако како што вели свети Јован Златоуст „плотското обрезание ги одделуваше Израелците од јазичниците“ со светото крштение се одделувале верните од неверните. „Луѓето со обрезанието стануваа добри Израелци, избран народ Божји. Со Крштението и воопшто со животот во Христа луѓето стануваат деца Божји, го стекнуваат посинувањето по благодат и ја победуваат смрта.“
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска.
Василиевата литургија се служи десет пати во годината, и тоа: на 1 јануари, наспроти Божик, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ Преданието за „Василопитата” или лебот на свети Василиј Велики Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.
Тропар
Твоето учење се рашири по целата земја, и таа го прими твоето слово; преку него си поучувал долично за Бога, си ја појаснил природата на Света Троица, и си го поправил однесувањето на луѓето. Светителу со царско име, оче преподобни, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак
Ти се покажа непоколеблив темел на Црквата, давајќи им на сите луѓе неукрадливо господство, запечатувајќи го со Твоите заповеди, преподобен Василие, откривачу на небото.
(МПЦ-ОА / Марко Китевски)
