Ракометната репрезентација на Хрватска си ја заврши задачата и со победа над Исланд (34-33) го освои третото место и бронзениот медал на Европското првенство (ЕП) во Скандинавија.
Во „малото финале“, балканската селекција покажа зрелост и вторпат го совлада Исланд на овој турнир по мечот во групната фаза. И покрај сите проблеми, вироза и болест во тимот, Хрватска се издигна над се и во драматичен финиш успеа да ја оствари мисијата.
Најдобар стрелец на мечот беше Магнусон од Исланд со 12 гола, пред Кристјансон со шест гола, додека кај Хрватите одличен беше голманот Мандиќ со осум одбрани, а лидер на листата на стрелци беше Лучин со девет гола, пред Начиновиќ со шест гола.
За Хрватска, ова е четврти бронзен медал на Европските првенства. Претходно тимот го освојуваше ова одличје во 1994, 2012 и 2016 година. Истовремено ова е прв медал на евро-шампионатите по една деценија.

