Љубовта кон децата ме водеше кон тоа да станам педијатар. И, до последниот мој работен ден, целосно бев посветена на децата. Без разлика што сум во пензија, и дали сум изморена или не, ниту еден родител со дете не сум вратила кога ќе дојдат на мојата врата“, открива д-р Виолета Арсова од Делчево.

Примариус д-р Виолета Арсова е педијатар во пензија, но која уште има голема љубов кон својата професија и активна е и како претседател на Здружение на пензионери – Делчево.
Родена на 6-ти февруари 1949 година, во убавото делчевско село Град, д-р Виолета има објавено многу научни трудови и семинарски, се има закитено и со низа награди, а вели дека до денес е достапна за своите пациенти.
„Основно и средно образование завршив во родното Делчево, а медицински факултет завршив во Скопје. Дипломирав 1974 година, и веднаш тргнав на работа во Здравствен дом – Делчево, како општ лекар.
За време на студирањето, желбата да завршам медицински факултет и љубовта кон него се покажаа уште во втора година на факултет, кога ја добив наградата за одличен студент на втора година на Медицински факултет – Скопје.
Како општ лекар работев 6 години, а потоа моето усовршување го продолжив на Клиниката за педијатрија – Скопје, каде имав среќа во тој период да работам со многу еминентни стручњаци од педијатријата кои ми ја пренесоа љубовта кон децата и целокупното нивно знаење.
Објавувајќи многу текстови, научни трудови, семинарски и други текстови во медицински списанија, се стекнав и со звање Примариус“, открива д-р Виолета.
Во интервју за CRNOBELO.com, д-р Виолета раскажа нешто повеќе за себе:
Кога ви стана јасно дека сакате да бидете докторка и што ве инспирира да се посветите на педијатрија? Можете ли да споделите нешто за студентските денови и почетоците на вашата кариера?
Откако знам за себе, сакам да бидам доктор, да им помагам и да ги лекувам луѓето. Од многу мала знаев дека еден ден ќе бидам доктор.
Љубовта кон медицината направи студиите да не ми бидат товар и обврска, туку задоволство да се стекнувам со медицински знаења.
Студентските денови ги поминував по студентски домови оти потекнував од скромно семејство. Со оглед на тоа што и едногодишниот стаж го поминав во Скопје на разни клиники, во почетокот на работата немав никакви тешкотии при работата.
Љубовта кон децата ме водеше кон тоа да станам педијатар. И до последниот мој работен ден, целосно бев посветена на децата.
Интервјуто е реализирано од crnobelo.com.mk Целиот текст од истото можете да го прочитате ОВДЕ.

