Младински ХАБ „Млади Исток“ – нова поддршка за младинско социјално претприемништво преку проектот „Моја идеја – наша реализација“

Македонска Каменица, 06. Февруари 2026 година – Вчера, во Домот на културата во Македонска Каменица, се одржа почетна прес-конференција по повод стартот на проектот „Моја идеја – наша реализација: Младински ХАБ ‘Млади Исток’, кој има за цел да создаде современ младински хаб за поддршка на социјалното претприемништво кај младите.

На прес-конференцијата беше истакнато дека проектот е наменет за млади од Македонска Каменица, Виница и Делчево, на кои ќе им обезбеди знаења, практични вештини, менторска поддршка и насоки за развој на сопствени социјални претпријатија.
Како резултат од проектните активности се очекува отворање на пет социјални претпријатија, едукација и подигнување на јавната свест кај над 100 млади, изработка на пет бизнис канваси, вработување или работно ангажирање на пет млади лица, како и воспоставување систем за мерење на влијанието на социјалните претпријатија во локалната заедница.

Во рамки на проектот ќе се реализираат шест тематски работилници, кои ќе опфатат управување и развој на бизнис идеи, правни и финансиски аспекти, социјални иновации, претприемачки вештини, изработка на бизнис планови, како и пристап до фондови и современи извори на финансирање. Предвидена е и континуирана менторска поддршка, како и завршна промоција и сумирање на резултатите пред јавноста.

Проектот е дел од програмата „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите“, имплементирана од Младински Сојуз – Крушево, во соработка со Центарот за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата „Паблик“, со поддршка на Европската Унија, во рамки на ИПА програмата за граѓанско општество 2022–2023.

*Дел од проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија’ имплементиран од страна на Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.

